
Рожер Федерер не му дозволи на Рафаел Надал ниту една шанса во последниот сет 22-иот меѓусебен дуел на двајцата најдобри тенисери на денешницата, стигнувајќи до својата петта титула од завршниот АТП турнир со 6:3/3:6/6:1 победа.
Федерер освои неверојатни 92% на свој прв сервис во финишот на АТП Финалето и загуби само 13 поени на сервис во текот на целиот меч. Надал, прворангираниот Шпанец, кој ги освои Ролан Гарос, Вимблдон и УС Опен оваа година, успеа да направи еден брејк во вториот сет, но изгледаше уморен како што мечот се движеше кон финишот, откако во саботата помина повеќе од 3 часа на теренот во победата над Енди Мареј за првпат да влезе во финалето на овој турнир.
"Знам дека не му го расипав одморот, бидејќи тој имаше фантастична година. Година за која било кој тенисер сонува", призна Федерер по мечот.
Со оваа победа Федерер ја намали предноста на Надал во меѓусебните дуели на 8-14. Во гренд слем финалиња, Надал има 5-2 скор над Федерер, но Швајцарецот сега има 3 победи во трите настапи на АТП Финалињата.
Во првиот сет во неделата во О2 Арената, Федерер загуби само три поени на свој сервис, и направи еден брејк. Тој потоа загуби пет поени на сервис во вториот и во третиот сет, но 4 од нив дојдоа во еден гем, кога Надал дојде до единствениот брејк.
Одлучувачкиот поен дојде рано во третиот сет, кога Федерер направи брејк за 3:1 водство, што потоа беше доволно за да стигне до чекот од 1.5 милиони е. Федерер има рекордни 16 гренд слем титули во кариерата, од кои последната дојде на Австралискиот Опен, а заедно со Надал имаат освоено 21 од последните 23 гренд слем турнири.
"Одигра неверојатно целата недела, и затоа мора да му честитаме", изјави Надал.
Во финалето во двојки, Канаѓанецот Даниел Нестор и Србинот Ненад Зимоњиќ ја освоија титулата во нивниот последен заеднички меч, откако со 7:6(6)/6:4 ги совладаа Индиецот Махеш Бупати и Белорусинот Макс Мирни. Нестор и Зимоњиќ ја освоија титулата од Ролан Гарос оваа година, но во октомври објавија дека веќе нема да играат заедно. Нестор ќе игра со Мирни следната сезона, додека се очекува Зимоњиќ да игра со Французинот Мишел Лодра.