Македонскиот ракометен шампион Металург во пресрет на натпреварот против Санкт Петерсбург одржа прес-конференција на која најави победа за влез меѓу 16-те најдобри екипи во Европа.
- Дуелот со Санкт Петерсбург е апсолутно најважен натпревар оваа година. Нашиот клуб е во историска ситуација како прв македонски клуб да влезе меѓу 16 најдобри во Лигата на шампионите. ТОП 16 во Европа значи и ТОП 16 во Светот на ракометот. Прашање е дали друг пат ќе имаме ваков распоред. Голема е честа со евентуален влез во следната фаза да бидеме заедно со екипи како Кил, Атлетико Мадрид, Барселона. Затоа овој натпревар во сабота е најважен за Металург и македонскиот ракомет, рече тренерот на „металурзите“ Лино Червар.
Тој побара поддршка од трибините и ги повика навивачите во што поголем број да дојдат и да навиваат за Металург. За возврат Червар вети максимално залагање и добра игра на неговите избраници.
И капитенот на Металург, пикерот Ванчо Димовски, натпреварот со рускиот претставник го гледа како голема шанса за промоција на македонскиот ракомет.
- Не треба да се испушти ваква шанса. Ова за нас е голема можност и најважен натпревар оваа сезона. Тимот на Санкт Петерсбург предводен од тренерот Димитриј Торгованов ја игра својата препознатлива игра. Но, ние од првиот натпревар во Русија извлековме поука и ќе се обидеме тактички и со мудра игра да победиме и да избориме ТОП 16.
Дуелот од 7.коло во Лигата на шампионите, Металург - Санкт Петерсбург ќе се одигра в сабота во „Спортскиот центар Борис Трајковски“ во Скопје со почеток од 18 часот.
Само евентуална победа на аутсајдерот Констанца со големиот фаворит во групата Хамбург може да ја пролонгира промоцијата на македонскиот првак во осминафиналист. Секој друг резултат во Хамбург и евентуална победа на Металург в сабота, значи пласман во следната фаза од ЛШ.
Двојки за 7.коло во групата „Ц“ од ракометната Лига на Шампиони: Хамбургер - Констанца (вечерва 19 часот), Висла - Копер (сабота 15 часот), Металург - Санкт Петерсбург (сабота 18 часот).
Табела: Хамбург 12 бодови, Копер 8, Металург 7, Висла 4, Санкт Петерсбург 3, Констанца 2.