Поканата да се биде член во друштвото на 16-те најдобри екипи пристигна во Скопје и е сервирана на "тацна" пред Металург. Но, најдобриот македонски клуб, најрано до сабота навечер ќе може само да ја гледа. Од другата страна седи Димитри Торгованов со својот Универзитет Нева Санкт Петербург и ја демне шансата да ја зграби за себе и својот клуб.
Не беше реткост досегашните мечеви на Металург во Лигата на шампионите да бидат оквалификувани како решавачки. Секој од нив имаше своја тежина и секој од нив можеше да го однесе македонскиот првак од еден пат или друг. Засега со 3 победи, 1 нерешен меч и 2 порази, Металург држи вистински правец. Но, утре доаѓа мечот на сезоната.
Со победа над Санкт Петербург, Металург и математички ќе обезбеди пласман меѓу 16-те најдобри екипи во Европа. Реми помалку од 25 постигнати кола исто така му дава поголеми шанси на Металург, реми над со повеќе од 25 постигнати гола или победа на Русите, го префрла поголемиот процент на шанси за пласман на страната на Русите.
Ќе одли ли Лино Червар со Металург да го "види папата" или, пак, Русите ќе почнат да прават математики кои би ги одвеле во следната рунда, ќе биде одлучно во рамките на 60 минути.
"Секој меч досега беше важен, но дуелот со С. Петеребург е апсолутно најважниот за нас оваа година. Имаме шанса на три кола пред крајот на оваа фаза на ЛШ да обезбедиме пласман во следната рунда, а тоа е историски резултат и голема работа не само за Металург туку и за целиот македонски ракомет".
Санкт Петербург веќе не е непознат противник за Металург. Одиграа еден меч, се запознаа меѓусебе и сега останува да видиме кој тренер подобро си ја одработил домашната задача.
"Русите се квалитетен тим и пласманот на табелата не ја покажува нивната вистинска сила", изјави Червар, потсетувајќи се на првиот меч 'инсистираат' на брзи центри, противнапади и полуконтри и ние мораме да бидеме брзи во нашата реакција за да ги спречиме", вели Червар.
Улога во ова треба да одиграат и унгарските судии бидејќи остана впечатокот дека на првиот меч, брзите центри на рускиот тим не беа секогаш правилно изведени.
Утре се игра натпреварот на кој не смее да има штедење, тактизирање или двоумење макар да се работи за дел од секунда. На вакви натпревари се прават и се гледа кои се големи играчи. Кому ќе затрепери раката, а кој е ладнокрвен егзекутор. Ако досега можеше и да се прогледа низ прсти за утнати седмерци во голем број, за нерешителност кога треба да се постигне лесен гол, сега тоа нема да биде случај. Никој нема право на слаб ден, никој нема право да го доведе во опасност тоа што се градеше со месеци наназад и во што беше вложен голем труд.