Македонскиот ракометен вицешампион Металург славеше на реваншот со шампионот Вардар во Лигата на шампионите. Избраниците на тренерот Лино Червар во 6. коло од најквалитетното клупско натпреварување со камата им наплатија на “црвено – црните“ за поразот од пред десет дена , совладувајки ги со 26:18.
Клучот за победата Металург го најде во второто полувреме кога на голот застана Раде Мијатовиќ и нанижа 12 одбрани, што беше најголема причина Вардар за 30 минути да постигне шест голови .
“Сакам да се заблагодарам на публиката за фантастичниот амбиент, а на противникот за коректната игра. Што се однесува до мечот, влеговме порастоварени отколку на првата средба, го покажавме своето вистинско лице и на сите им ставивме до знаење дека Металург не смее да се отпише. Морам да споменам дека Дарко Станиќ постави високи стандарди што се однесува до голманите на Металург, а моите партии се резултат на тоа што сакам да се наметнам во една силна конкуренција”, изјави голманот на Металург, Мијатовиќ.
Дека голманите и на овој натпревар беа во најдобра форма потврди и тренерот на Вардар, Андон Бошковски.
"Честитки за заслужената победа на Металург, му честитам на Мијатовиќ за одличната игра, и мислам дека како и на првиот натпревар, така и сега, голманите го одлучија победникот. Овојпат тоа беше голманот на Металург, Мијатовиќ“, изјави тренерот на Вардар, Бошковски.