Вардар од утре се сели во нов дом, а бастионот во кој ги доживеа најсветлите моменти оди кон историјата. Не велиме дека „Кале“ повеќе нема да види голем натпревар, но вратите на „Јане Сандански“ се сега отворени за новите подвизи на „црвено-црните“. Специјален момент, специјален противник за армијата навивачи на Вардар, а црешата на врвот е иконата на Вардаровите навивачи, Веселин Вујовиќ. Овој пат како тренер на противничкиот тим, но повеќе од сигурно, денеска ќе го украде шоуто од ѕвездите на двата тима. Пеперутките веќе се во стомакот и на прославениот тренер и Вардаровите навивачи.
„Ова е како да играм против родениот син. Јас денеска не можам за загубам затоа што веќе победив. Сакам од срце да му се заблагодарам на Вардар и Скопје за сé што направија во моето минато.
Имав многу убави моменти во ’Кале’, навистина не би можел да одберам еден, но секоја победа над Металург имаше посебна вредност. Се радувам на денешниот ден, едвај чекам да слушнам уште еднаш ’Вујо мајсторе’“, изјави тренерот на Загреб, Веселин Вујовиќ.