Сезоната во Лигата на шампионите почна, го видовме и првиот пораз на Металург, но атмосферата во „Автокоманда“ допрва ќе се загрева.
Како што неофицијално дознавме, денеска треба да се одржи состанок кој треба да бидат дадени одговори што понатаму ќе бидат патоказ по кој ќе тргне клубот. Дознаваме дека дел од играчите ќе побараат објаснување за својот статус во клубот и дека ќе биде начната (нај)жешката тема – неисполнети обврски на клубот кон ракометарите. Доцнат плати и премии и сите се во исчекување. Веќе се пробиени роковите и нешто мора да се преземе за работите да се вратат во колосек.
Денеска е 1 октомври, што на ракометарите што немаат земено плата повеќе од 2 месеци им дава одзврзани раце да заминат без оштета. Заинтересираност за такво нешто, барем јавно, засега нема. Посебно по настапот во првото коло од Лигата на шампионите (се губи право на настап во екипа од ЛШ).
Темата за статусот на играчите е исто така чувствителна како и финансиската. Неколку македонски репрезентативци имаат сé помала или речиси немаат минутажа во новата стратегија која ја најави клубот. Тука се Наумче Мојсоски, Ванчо Димовски, Велко Маркоски, па и Ренато Вугринец. На списокот го додаваме и Дарко Станиќ. На стартот на подготовките тоа и не изгледаше опасно затоа што Металург победуваше, но сега има три порази од четири меча и веќе сликата не е толку идилична.
Повеќе информации ќе има утре, во зависност од тоа како ќе тече и заврши состанокот, но во интерес и на клубот и на ракометарите и на целата нивна армија фанови е проблемите да бидат брзо решени затоа што следниот натпревар е в сабота, се оди на гости кај БГК, а победа или пораз можат да го исколчат патот кон Топ 16 или да го покријат со трње.