Ракометарите на Вардар в сабота во рамките на 2.коло од Лигата на шампионите ќе го имаат својот премиерен настап во новиот Спортски центар „Јане Сандански“. Иако „црвено-црните“ важат за големи фаворити пред овој дуел, на денешната прес-конференција, тренерот Раул Гонзалес и левото крило Тимур Дибиров повикаа на максимално залагање во текот на сите 60 минути.
- Многу важен натпревар за нас. Целта е да се освојат два бода. Вардар ќе има силен противник. Воопшто групата е многу тешка, а во Лигата на шампионите многу е битно да се освојуваат бодови на секој натпревар, особено на домашен терен. Малку ме плаши психолошкиот притисок врз играчите поради тоа што стартуваме во новата сала, рече тренерот на Вардар и додаде дека кога игра дома Вардар без оглед на противникот е фаворит, но сепак тоа треба да го покаже и на терен.
За левото крило Тимур Дибиров мечот со рускиот тим е од големо значење за понатамошниот тек во групата.
- Сакам „Јане Сандаски“ да биде неосвоена тврдина за сите противници за Вардар. Очекувам тежок натпревар. Чеховски Медведи има силен состав. Секоја екипа има свој стил на игра па така и тие. Овој натпревар ќе биде посебен за неколкуте ракометари на Вардар кои настапувале во руската екипа меѓу кои сум и јас. Од друга страна, Вардар сака да направи една победничка серија која верувам дека започна во Целје, а ќе продолжи на следните три дуели од Лигата на шампионите, нагласи Дибиров.
Натпреварот Вардар – Чеховски Медведи ќе почне во 19 часот. Од раководството на македонскиот тим информираа дека во продажба се останати уште малку билети. Вратите на СЦ „Јане Сандански“ ќе бидат отворени од 17 часот. Еден дел од средствата собрани од продажбата на билетите ќе бидат донирани за хуманитарни цели.