Доколку детето во своите родители гледа пример, доколку ги цени и ги почитува, лесно ќе може да ги слуша и да ги следи.
Тоа значи дека родителите мораат да имаат одреден авторитет. Да се задржи авторитетот значи да се расте детето во љубов.
Љубовта во одгледувањето на детето создава ведро животно расположение, а со таква љубов и децата ќе им возвратат на родителите.
Да се сочува авторитетот значи да се почитува личноста на детето. Родителите кон детето треба да се однесуваат како кон иден човек, а не да го навредуваат, понижуваат, да ги гушат неговите чувства, самостојноста, иницијативата, животната активност и при тоа да поставуваат пред него барања и обврски кои детето мора да ги извршува.
Родителите ќе имаат авторитет ако бидат доследни во своите воспитни постапки. Пред се, мораат да бидат стрпливи, но и доследни. Доследноста кај родителот значи мирен и среден живот, па со тоа и детето е поштедено од разни изненадни испади, карања, викања и недоразбирања меѓу родителите.
Да се има авторитет значи сестрана грижа за детето. Детето стекнува доверба во своите родители ако постојано чувствува дека во нив наоѓа потпора и кога греши и кога му е тешко. Децата ќе ги почитуваат своите родители ако знае дека односите во семејството се доследни.
Рушење на родителскиот авторитет
Во некои семејства авторитетот се руши кога нееднакво се постапува кон децата, ако мајката прави нешто на еден начин, таткото на друг, дедото на трет итн. Авторитетот на родителите се руши кога детето чувствува дека меѓу нив владеат несогласувања и други негативни појави.
Децата ќе ги почитуваат родителите ако во нив видат луѓе кои правилно се однесуваат кон работата, општеството и заедницата. Некои родители се однесуваат од “високо”, тоа значи дека тие заповедаат а детето треба да слуша. Тие родители најбрзо го губат авторитетот во очите на детето.
{И.Ј}