Загреб, 16 септември 2015 (МИА) - Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ денеска соопшти дека на премиерот Зоран Милановиќ му продложила одржување на седница на Советот за национална безбедност посветена на напливот на имигранти во Хрватска, бидејќи како што рече, бегалската криза се влошува од час во час.
Грабар-Китаровиќ нагласи дека Хрватска мора да биде подготвена за справување со напливот на бегалци и дека таа не би сакала во нејзината земја „да се гледаат сцени какви што има во Македонија, Србија и Унгарија“.
- Тоа не е само хуманитарно, туку и безбедносно, економско и социјално прашање. Затоа сакам да знам дали сме подготвени тие луѓе да ги згрижиме достоинствено и во исто време да им обезбедиме на хрватските граѓани да живеат безбедно, односно да ја зачуваме безбедноста на земјата, порача Грабар-Китаровиќ.
Според неа, Хрватска мора да изгради сопствени ставови во однос на бегалската криза, кои би ги застапувала пред органите на ЕУ.
- Веќе подолго време предупредувам дека она што во моментов се прави (во ЕУ) со квотите за прием на бегалци, претставува само гаснење на пожарот со обичен апарат за гаснење. Проблемот е многу поширок. Треба да се воочи и причината за бегањето на тие луѓе од нивните земји и да се види што може ЕУ да направи за отстранување на тие прични со цел да стабилизира состојбата и да се контролираат миграциите, порача хрватската претседателка.
Грабар-Китаровиќ изјави дека не верува оти Хравтска би можела да ги затвори своите граници, како што тоа го направија некои други земји-членки на ЕУ, но нагласи дека земјата мора да биде сигурна и стабила, да им гарантире бебзедност на хрватските граѓани и да спречи какви било инциденти од меѓуетничка или меѓуверска природа.
- Хравтска не може сама да го реши ова прашање, туку само во рамките на ЕУ и ОН, како и со државите од соседството на Унијата, додаде шефицата на хрватската држава.
Хравтскиот премиер Милановиќ од своја страна најави дека поради бегалскиот бран во земјата ќе биде свикана седница на Советот за национална безбедност и притоа и порача на претседателката Грабар-Китаровиќ дека за овој проблем е одговорна исклучиво хрватската Влада, а дека таа дури не е ни членка на ова тело.
Утринава до 10 часот во српскиот град Шид, што се наоѓа во близина на границата со Хрватска пристигнале четири автобуси со бегалци, кои тргнале од Прешево. Како што јави Танјуг, автобусите ги оставаат бегалците на пат во близина на граничниот премин Товарник на српско-хрватска граница, а потоа тие пеш преминуваат на територијата на Хрцатска избегнувајќи го официјалниот граничен премин.
Од Прешево синоќа до Хрватска граница пристигнале пет автобуси, а во текот на ноќта голем број таксисти превезувале помали групи бегалци до Шид. Властите во Шид очекуваат да пристигнат уште автобуси со бегалци, кои сега ја менуваат својата рута и наместо преку Унгарија, до Австрија и Германија одат преку Хрватска.