Претседателот на косовската Влада Хашим Тачи најави дека денеска, заедно со претседателот на Косово и претседателот на Парламентот ќе одлучи за времето и датумот за прогласување независност на Косово.
Тачи за Радиотелевизија Косово синоќа изјави дека се извршени сите подготовки за прогласување независност и оти Косово може да го згломи овој испит само со достоинствена прослава.
Косовскиот премиер рече дека прогласувањето независност претставува добра вест и добар развој на случувањата, истакнувајќи дека „влијанието на Белград врз Косово е дефинитивно завршено“.
Тој дополни дека официјален Белград има право да се интересира за косовските Срби, но само преку институциите на Косово.
- Ние секогаш ќе бидеме со српската заедница и никој нема причина за паника и страв - тврди Тачи.
Тој уште најави дека веднаш по прогласувањето независност ќе формира министерство заодбрана и за надворешни работи.
А Во Приштина во очекување на прогласувањето независност, уште синоќа на централните улици имаше многу автомобили со видно истакнати знамиња на државата Албанија, но и знамиња на САД и други западноевропски земји кои најавија дека ќе го поддржат тој чин, јави Танјуг.
Исто така и продавниците и локалитесе украсени со знамиња на Албанија и на САД и видно испишани пароли „независност“, јави српската агенција.
Од друга страна, доколку привремените власти на Косово прогласат независност, Русија планира веднаш да свика консултации на Советот за безбедност на ОН, изјави прес секретарот на постојаниот претставник на Русија во Светската организација Марија Захарова.
Руските медиуми соопштија дека Русија се залага за одржување вонредна седница на Советот за безбедност денеска, со цел уште еднаш да се предупредат западните партнери на опасноста од брзоплети и еднострани чекори во процесот за утврдување на статутсот на Косово.