Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу оцени дека реалноста на Косово нема да биде променета со независноста.
- Не не очекува рај ден после независноста... Меѓутоа, независни имаме поголеми шанси за подобар пат. Независноста е клуч за развој, изјави Сејдиу во интервју за виенскиот дневник „Курир“.
- Пред нас се големи економски предизвици и мораме да го зачуваме социјалниот мир. Слободата е основен принцип, и без неа нема напредок. Но тие слободи мора да бидат потхранети со нашата работа, порача тој.
На прашањето каква реакција очекува од Србија, Сејдиу рече дека властите во Белград би можеле да се обидат да постават блокади и да предизвикаат немири. - Меѓутоа и тоа ќе го издржиме... Србија сама на себе со тоа ќе си зададе удар, затоа што за увозот во Косово плаќаме ние. Белград така би му нанел штета на сопственото стопанство. Ние сакаме да ја имаме Србија како партнер и нашата иднина нема да биде обележана со блокади, туку ќе се состои од слободна комуникација, уверен е косовскиот престедател.
Сејдиу исто така изрази уверување дека и Русија после извесно време ќе попушти во спротиставувањето на едностраната независност на Косово. - Русија од секогаш тврди дека е заинтересирана за стабилност во регионот, потсети Сејдиу. Тој исто така рече дека не очекува егзодус на Србите од Косово. - Заканите со заминување или прогласување сопствена независност очигледно се само зборови. Би можело да има Срби кои и понатаму ќе зборуваат дека ќе се спротистават на независноста на Косово. Меѓутоа повеќето Срби ќе останат и тие ќе бидат рамноправни граѓани. Она што им е потребно се работни места и безбедносни гаранции, рече Сејдиу.
Тој оцени и дека Косово има добра перспектива и оти целта е во наредните 10 години да стане членка на ЕУ и НАТО. - Имаме економски потенцијал, рудни богатства и функционирачки демократски институции, рече Сејдиу. Но тој сепак истакна дека на Косово за остварување на тие цели и понатаму ќе му биде потребна меѓународна поддршка, цивилно присуство на меѓународната заедница и КФОР.