Српскиот министер за Косово и Метохија Слободан Самарџиќ најави дека членови на српската Влада и пратеници денеска ќе заминат на Косово за да им дадат поддршка на Србите и другите граѓани лојални на Србија, но и за да им порачаат дека во иднината државата Србија поинтензивно ќе функционира на Косово.
Самарџиќ во синоќешното интервју за Радиотелевизија Србија, објасни дека „повеќе не се работи само за помош, туку за функционирање на институциите на државата Србија на свој простор“.
- Се работи за инвестирање, отворање на работни места, функционирање на институциите на Србија во областа на здравството, школството, социјалната политика и инфраструктурата, објасни српскиот министер за Косово.
Самарџиќ наведе дека претставниците на државните органи и институции на Србија од сега повеќе ќе престојуваат во покраината и ќе имаат почести работни контакти со претставниците на Србите затоа што ќе го контролираат начинот на работа на мрежата државни институции на Косово.
По повод најавите од Брисел дека Србија наскоро ќе мора да го преиспита односот со ЕУ, Самарџиќ објасни дека е „голем проблем“ што одлуката на ЕУ за испраќање мисија на Косово е „противправна, спротивна на меѓународното право, на правото на ЕУ и на Уставот на Србија“.