Собранието на Косово се очекува во 15 часот да прогласи независност на Косово, додека еакцијата од Белград се очекува еден час подоцна.
Косовскиот премиер Хашим Тачи соопшти дека денеска ќе биде одржана седница на косовскиот Парламент на која ќе биде усвоена декларацијата за независност на Косово и ќе бидат избрани државните симболи - грб и знаме. Тачи соопшти дека со претседателот на Косово Фатмир Сејдиу поднел барање до претседателот на Парламентот Јакуп Красничи за одржување вонредна свечена седница на Собранието. Се очекува декларацијата за независност да биде усвоена на седницата, која треба да почне во 15 часот.
Во 12 часот се одржа средба на Претседателството на собранието, додека за 13 часот и 30 минути планирана е средба на парламентарните групи.
За 16 часот најавено е обраќање до јавноста на српскиот премиер Воислав Коштуница, кој, како што е соопштено, ќе зборува за едностраното прогласување „лажна држава“ на територијата на Србија.
По седницата на косовскиот парламент и усвојувањето на декларацијата, предвидено е во 18 часот во Медиа центарот на конференција за новинари да зборуваат претседателот на Косово Фатмир Сејдиу, премиерот Хашим Тачи и претседателот на парламентот Јакуп Красничи.
Во 18 часот и 30 минути пред Домот за млади и спорт во Приштина ќе биде поставен обелиск на независноста, а половина час подоцна филхармонијата на Косово во салата „1 октомври“ ќе го почне свечениот концерт.
Славењето ќе продолжи на плоштадот Мајка Тереза, со концерт на естрадни уметници од Косово.
Предвидено е на граѓаните во 22 часот и 50 минути да им се обратат премиерот и претседателот на Косово, а свеченоста ќе заврши во 23 часот со огномет на четири локации во Приштина.