Пред амбасадата на САД во Белград вечерва се случи инцидент, кога неколку стотици млади луѓе започнаа да фрлаат камења и факели кон зградата и да демолираат автомобили, јави Б92.
Српските полициски сили се обидуваат да спречат поголеми инциденти.
Претходно демонстрантите ја блокираа Улицата Кнез Милош и сообраќајот околу Амбасадата и кратко се задржаа пред зградата на Владата на Србија протестирајќи против независноста на Косово.
Помали протести има и во Ниш и во Бања Лука.
До инцидентите дојде и покрај тоа што учесниците на протестот најавија дека „деноноќно ќе го блокираат сообраќајот, но дека нема да ја напаѓаат зградата на амбасадата и оти протестот ќе го одржуваат со пеење српски песни“.
Учесниците во протестот носат знамиња на Србија и пароли „Косово е Србија“, „Не го даваме Косово“... го скандираат името на поранешниот лидер на босанските Срби и хашкиот обвинет Ратко Младиќ и пејат патриотски и песни посветени на Косово.
На насобраните им се обрати претседателот на Здружението на киднапираните заробеници и убиени на Косово Симо Спасиќ, кој изјави дека се работи за спонтано собирање за да се изрази незадоволство поради тоа што „Америка на Албанците им даде држава“.