
Вашингтон, 27 февруари (МИА) - Државното раководство на Косово, на средбата со државниот секретар на САД Хилари Клинтон, во Вашингтон, ја потврди својата цел за присоединување кон НАТО и ЕУ, пренесе ИТАР-ТАСС.
-Косово е заинтересовано да стане дел од од ЕУ и НАТО, изјави синоќа претседателот на Косово Фатмир Сејдиу.
Косовскиот премиер Хашим Тачи, од своја страна, изјави дека Косово се надева во најскоро време да стане членка на ММФ и Светската банка.
Раководството на Косово, кое пред една година ја прогласи независноста, посочува дека минатата година земјата успеа да воспостави добри односи со соседите.
Хилари Клинтон го забележа напредокот постигнат од Косово на патот на изградбата на демократска држава.
Според неа, Сејдиу и Тачи соопштиле дека „по објавувањето на независноста ниту еден Србин не го напуштил Косово, а многу Срби дури се вратиле во своите домови“.
Клинтон вети дека САД, заедно со европските партнери, ќе продолжат да даваат поддршка на „најмладата демократија во светот“.
Досега Косово е признато од 55 земји од светот, меѓу кои САД и 22 од 27-те земји членки на Европската унија.