Парламентарното Собрание на Советот на Европа изрази разочарување поради непоканувањето негови набљудувачи за изборите во БугаријаСтразбур, 22 јуни (МИА) - Парламентарното Собрание на Советот на Европа денеска изрази разочарување поради тоа што Бугарија до сега не испратила покана до Асамбелјата за следење на претстојните избори за членови на бугарското Народно собрание.
Во ваквата постапка Парламентарното Собрание на Советот на Европа гледа јасен случај на недостиг на соработка од страна на Софија, се наведува во соопштението на оваа паневропска организација.
Асамблејата потсетува дека на 27 април донела одлука за формирање на 20-члена набљудувачка мисија за мониторинг на парламентарните избори во Бугарија, закажани за 6 јули, за што ги известила и властите во Софија.
Тоа што се уште немаме добиено покана е доказ дека Бугарија не сака меѓународен мониторинг на функционирањето на нејзината демократија во овој важен момент, се истакнува во соопштението.
За овој случај Парламентарното Собрание го известило и Постојаниот комитет на Советот на Европа, кој би можел да воведе санкции кон Бугарија. Не поканувањето на мониторинг мисијата за бугарските парламентарни избори ќе биде и тема на заседанието на Парламентарното собрание во октомври, се наведува во соопштението.
|