Хаг, 26 октомври (МИА) - Почетокот на судењето на поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ е одложен од денеска за утре, бидејќи тој не се појави во судницата на Хашкиот Трибунал.
Претседателот на судскиот совет судијата О гон Квон го повика Караџиќ утре да се појави во судницата за да “може судењето без пречки да продолжи понатаму, и го закажа претресот за 14:15 часот.
Судијата Квон најави дека утрешниот претрес ќе почне со излагање на Обвинителот, односно изнесување на обвинението против Караџиќ.
Претставник на Обвинителството предложи денеска на Караџиќ, кој се брани сам, да му наметне бранител по службена должност, но судијата Квон оцени дека се уште е рано да се одлучува за таков предлог.
Според правилата на Трибуналот, една од опциите која исто така му стои на располагање на судскиот совет е на Караџиќ, кој се брани сам, да му се наметне бранител по службена должност доколку советот оцени дека „обвинетиот со своето однесување го оневозможува водењето на судскиот процес“.
Караџиќ претходно го информираше судскиот совет дека нема намера да се појави во судницата, бидејќи не е подготвен за судење.
Обвинението на Хашкото Обвинителство го товари Караџиќ за воени злосторство и злосторства против човештвото вклучувајќи две за геноцид во текот на војната во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година.
Караџиќ на 21 јули 2008 година е уапсен во Белград после 12 години криење, а на 30 јули е префрлен во Хаг.
Од почетокот на процесот ја негира вината и тврди дека во 1996 година склучил договор за имунитет со американскиот дипломат Ричард Холбрук, според кој не требал да биде процесуиран пред Трибуналот во Хаг.