Белград, 27 октомври (МИА) - Поранешниот претседател на Република Српска, Биљана Плавшиќ денеска е пуштена на слобода од затворот во Шведска и се наоѓа на пат кон Белград, потврди Службата за затворски и условни казни во Стокхолм.
- Плавшиќ утринава е префрлена на аеродром каде со авион ја напушти Шведска, изјави претставникот на Службата, Ларш Нилиам.
Шведското Министерство за правда минатата недела соопшти дека Плавшиќ ќе биде ослободена на 27 октомври, а српските медиуми тогаш објавија дека се очекува нејзино пристигнување во Белград.
Претседателот на Хашкиот трибунал Патрик Робинсон кон средината на минатиот месец ја одобри молбата на 79-годишната Плавшиќ за нејзино предвремено ослободување, откако одлежа две третини од пресудата.
Таа беше осудена на 11 години затвор за геноцид, злосторства против човештвото, малтретирање на босански муслимани и Хрвати во Босна во 1991 и 1992 година и за прекршување на Женевската конвенција.
Биљана Плавшиќ доброволно му се предаде на судот во јануари 2001 година, а во октомври следната година се изјасни за виновна за протерување на муслимани и Хрвати во 37 општини на БиХ во замена за отфрлање на останатите точки од обвинението.
За време на престојот во затвор таа ја издаде книгата „Сведоштва“, во која го обвини Радован Караџиќ за војната, но одби да сведочи против него. Таа беше еден од клучните сведоци во процесот против поранешниот претседател на босанско српскиот парламент Момчило Краишник, кој во март годинава е осуден на 20 години затвор.