Загреб, 2 декември (МИА) - До крајот на минатата недела во Хрватска од новиот грип починаа 19 заболени додека во изминатата недела се регистрирани 11.209 нови случаи, соопшти Хрватскиот завод за јавно здравство.
Според податоците на тој Завод, минатата недела биле регистрирани помалку случаи од претходната (13.960), а заболени има во сите жупании.
Меѓу заболените и понатаму има најмногу меѓу пет и 29 години, а болеста е регистрирана и кај деца од пет до 14 години. Најмногу починати има во 50-ти и 60-ти години од животот, а речиси сите имале проблеми со тежината, дијабетис, срце или зголемен крвен притисок.
Од почетокот на јули кога во Хрватска беше регистриран првиот случај, досега заболеле 37.085 луѓе од новиот грип.
Минатата недела во Хрватска беа испорачани првите 140.000 дози од вкупно 1,5 милиони дози вакцини, но постои мал интерес за вакцинирање.
Проблем е и тоа што вакцината е во шишенца кои содржат десет дози и ако тие не се искористат за 24 часа мора да се фрлат. Поради сето тоа почнаа и обвинувања на сметка на министерот за здравство Дарко Милиновиќ дека потрошил неколку стотици илјади евра за некорисна вакцина.