Прага, 10 март (МИА) - Европската унија нема да прифати создавање нови држави на Балканот, изјави еврокемсарот за проширување Штефан Филе, нагласувајќи дека Брисел подготвува нов пристап за Босна и Херцеговина, чија цел е „цврсто поврзување на земјата со ЕУ“.
Во изјава за Радио Слободна Европа, Филе нагласи дека ЕУ засега не се подготвува за сценариото за поделба на БиХ, туку дека се фокусира да и помогне на земјата да ја избегне поделбата.
- Мораме да направиме уште многу за да ја поставиме оваа земја на стабилна основа, потенцира Филе.
Тој нагласи дека ЕУ не е подготвена да прифати зголемување на бројот на државите на Балканот и дека прави се за да се избегне таквата можност.
Според него, клучно за опстанокот на Босна и Херцеговина е „продолжување на Дејтонскиот договор“.
- Клучот е во уставните промени. Клучно е да дојдеме до затворање на темата за Канцеларијата на високиот претставник и преку уставни промени да се отвори патот кон создавање стабилна и ефикасна власт во земјата, тенденција која ја поддржуваат, ако не сите, тогаш мнозинството (од жителите), рече Филе, додавајќи дека доколку дојде до тоа ќе уследи „силно вкотвување на БиХ во ЕУ“ преку процесот на асоцијација.