Софија, 26 март (МИА) - Владејачката партија за Европски развој на Бугарија (ГЕРБ) ги собра неопходните 162 потписи од пратениците за покренување на процедура за отповикување на претседателот на државата Георги Прванов пред Уставниот суд.
Претседателот на бугарската парламентарна комисија за правни прашања Искра Фидосова изјави дека во собирањето на потписи се вклучиле и пратениците од парламентарната груба на ГЕРБ, на АТАКА, на Плавата коалиција и независните пратеници.
Дебатата за покренување на процедура пред Уставниот суд ќе се одржи следната недела.
Според бугарските закони, за предлогот да биде доставен на разгледување во Уставниот суд неопходни се гласовите на повеќе од две третини од пратениците, односно 161, бидејќи бугарското Собрание има 240 пратеници.
Уставниот суд, во кој има 12 судии, од кои четворица се именувани од Прванов, обврзни се да го разгледаат барањето на Собранието во рок од еден месец.
Политичката криза во Бугарија почна на почетокот од месецот кога претседателот Прванов побара извинување и смена на министерот за финансии Симеон Ѓанков поради неговата изјава објавена на телевизија дека „бугарскиот претседател е млад милијардер и оти поседува недвижни во странство“. Подоцна се утврди дека изјавата на Ѓанков била снимена тајно без негово знаење.
На Прванов ова му е втор претседателски мандат, првиот пат беше избран во 2002 година од листата на Бугарската социјалистичка партија (БСП). Актуелната бугарска Влада е составена од членови на ГЕРБ, а ја поддржуваат националистичката партија АТАКА и десничарската Плава коалиција.