Приштина, 9 јули 2010 (МИА) - Поранешниот британски премиер Тони Блер изјави во Приштина дека перспективата на Србија е во ЕУ и дека би било добро доколку Белград и Приштина на тој пат одат заедно, како две држави.
Блер по состанокот со косовскиот претседател Фатмир Сејдиу изјави дека некои земји од ЕУ „доцнат“ со признавањето на Косово, нагласувајќи дека напредокот постигнат на Косово е добар сигнал за и тие држави ја признаат независноста на Косово.
Поранешниот британски премиер додаде дека сега за Косово е важно да биде успешна држава.
- Тоа е предизвик. Не се работи за прашање на законитоста, туку од економијата и како луѓето живеат, бидејќи на крајот тие што се горди да живеат во независна држава исто така сакаат да имаат поголем животен стандард и економски напредок, изјави Блер.
Сејдиу му додели на Блер орден „Златна медала“ и копија од Декларацијата за независност на Косово.
Блер во Приштина беше пречекан од косовскиот премиер Хашим Тачи и денеска ќе се обрати пред пратениците во Собранието на Косово на свечената седница.