Скопје, 2 декември 2010 (МИА) - Поплавите, предизвикани од поројните дождови изминатите денови ги принудија властите во повеќе балкански држави да евакуираат стотици жители од нивните домови.
Во западна Србија реката Дрина поплави куќи, земјоделско-обработливо земјиште и патишта. Полицијата соопшти дека во регионот до границата со Босна и Херцеговина има прекин на дотокот на струја и недостиг на вода за пиење. Околу 140 лица се евакуирани од регионот.
Околу 600 лица се евакуирани од своите домови во северниот дел на Црна Гора и тие ја минале ноќта во општинскиот центар, соопштија црногорските власти. Локалните власти во градот Беране информираа дека е обновено движењето по патиштата.
Властите во Босна и Херцеговина прогласија вонредна состојба и наредија евакуација на луѓето од областите кои се под вода. Во источниот град Фоча спасувачките екипи користеа чамци за евакуација на луѓето од нивните поплавени домови. Училиштата се затворени, половина од градот е без електрична енергија, а водата во градот не е за пиење. Локалните власти во Фоча изјавија дека нивото на реката Дрина не било толку високо во последните 104 години.
Албанската Влада прогласи вонредна состојба во северозападните региони, кои се погодени од поплавите. Повеќе од илјада Албанци се евакуирани од северозападниот дел на земјата. Армијата и полицијата се вклучени во евакуацијата на жители од најзасегнатиот регион околу градот Шкодра, на 120 километри од Тирана и по делтата на реката Дрим.
Хрватските медиуми јавија дека ситуацијата во Хрватска е се покритична, а во некои области на земјата поради поројните дождови е прогласена вонредна состојба. Поплавени се куќи, затворени се училишта, а многу од патиштата на територијата на земјата се под вода.
Врнежите од дожд на Балканскиот Полуостров продолжуваат, поради што властите предупредуваат дека најверојатно ќе има нови поплави и евакуации.