Тирана, 4 декември 2010(МИА) - Албанската Влада побарала помош од НАТО во напорите за справување со големите поплави.
Алијансата треба да упати хеликоптери и тешки моторни возила за да помогнат пред се во евакуацијата на населението од поплавените подрачја во скадарскиот регион, но и во други делови во земјата.
- Побаравме помош од НАТО. Очекуваме помош за транспорт. Снабдувањето е направено во сите делови освен во подрачјето на Велипоја. Нашите пловни објекти вложија максимални напори да стигнат и таму, но тоа е неможно, изјави албанскиот министер за одбрана Арбен Имами.
Според последните информации од Кризниот штаб, под вода се 13 илјади хектари земја, евакуирани се над 10 илјади лица, поплавени се неколку илјади куќи и други објекти.
Интензивните дождови кои непрекинато врнат ги зголемуваат водостоите на сите реки во земјата, додека вода се испушта од сите вештачки акумулации. Излеаните реки проблеми создаваат речиси на целата територија на земјата, тешко се одвива и патниот сообраќај кој во одделни делови е целосно во прекин.