Косовските партии казнети со речиси 350.000 евраПриштина, 27 декември 2010 (МИА) - Косовскиот Буџет ќе биде зголемен за речиси 350.000 евра, колку што изнесуваат казните за извршени прекршоци што треба да ги платат политичките партии кои учествуваа на вонредните парламентарни избори одржани на 12 декември.
Комисијата за жалби и приговори на Централната изборна комисија со големи износи казни девет партии и коалиции, а највисоката казна во висина од 135.600 евра заработи Демократската партија за Косово на Хашим Тачи, која и победи на изборите.
Казните се изречени поради нерегуларности на изборите и кршење на правилата на предизборната кампања.
Демократскиот сојуз на Косово е казнет со 83.450 евра, Алијансата за ново Косово со 38.850 евра, движењето Самоопределување со 6.250 евра, Демократскиот сојуз Дарданија со 4.450 евра, движењето ФЕР со 4.200 евра, Партијата на малцинствата со 3.050 евра и Самостојната либерална партија со 3.000 евра.
Со помали износи се казнети и останатите партии што учествуваа на изборите.
|