Анкара, 28 септември 2011 (МИА) - Светот е роб на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган за списанието „Тајм“.
- Ние сме како робови на постојаните членки, нагласи Ердоган за „Тајм“ за време на посетата на Њујорк на годишното заседание на Генералното собрание на Обединетите нации.
Според Ердоган светот станал роб на петте постојни членки на Советот, поради што ОН мораат да се реформираат.
Турскиот премиер истакна дека СБ на прво место треба да даде позитивен одговор на барањата на палестинскиот народ, а другите прашања треба да ги разгледаат двете држави. Тој смета дека услов за решавање на ова прашање е враќање кон границите од 1967 година, кој Израел првично го прифати, а потоа го отфрли.
- Агресивноста на Израел не може да продолжи. Оние кои имаат негативен однос кон барањата на Палестина никогаш нема да успеат да го оправдаат тоа пред историјата, додаде Ердоган.
Турскиот премиер нагласи дека до денеска СБ усвоил над 89, а Генералното собрание на ОН над 200 решенија за санкции кон Израел. - Доколку тие санкции се применуваа, проблемот уште многу поодамна ќе беше решен, додаде тој.