Атина, 1 ноември 2011 (МИА) - Грчкиот премиер Јоргос Папандреу до Парламентот поднесе предлог за гласање на доверба на Владата поради новиот пакет европска финансиска помош од Брисел, со кој се предвидуваат дополнителни строги економски мерки.
Дебатата за доверба на Владата ќе почне утре и ќе заврши в петок со гласање.
Папандреу предлогот за гласање доверба на неговиот кабинет го соопшти на вчерашната седница на парламентарната група на владејачката ПАСОК.
Грчкиот премиер најави дека ќе побара и организирање на референдум, на кој граѓаните треба да се изјаснат дали ќе ги прифатат условите од новиот пакет европска помош.
Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос наведе дека референдумот најверојатно ќе биде распишан идната година односно кога ќе се знаат повеќе детали за новиот пакет европска помош за Грција.
Тој ја отфрли можноста за предвремени парламентарни избори ако предлогот на Владата не биде прифатен на референдумот.
- Грција треба да се насочи кон други решенија, а избори ќе има порано или подоцна, наведе Венизелос.