Атина, 3 ноември 2011 (МИА) - Пратеникот од грчката владејачка партија ПАСОК Димитрис Линѕерис изјави дека нивниот лидер и премиер Јоргос Папандреу „е веќе историја“.
На прес-конференција во Парламентот, Линѕерис го повика премиерот да ги преразгледа процедурите, предвидени во Уставот и одредбите на својата партија, со цел да се нормализира политичката ситуација во земјата.
Станува збор за предложениот од страна на Папандреу референдум за вториот европски пакет финансиска помош за Грција. Линѕерис истакна дека иницијаторите на референдумот се одговорни и дека партијата ПАСОК не може да биде жртва на едно раководство, кое не може да се избори со ситуацијата, повикувајќи за постигнување согласност меѓу политичките сили и состав на влада на национално единство.
Моментално грчката Влада одржува вонредна седница, а потоа ќе заседава и парламентарната група на ПАСОК.
Еден ден пред утрешното гласање на доверба на Владата, партијата на грчките социјалисти остана без парламентарно мнозинство, со 150 места, откако нивните редови само денеска ги напуштија уште две пратенички.