„Жикол“ ќе го гради новиот градски плоштад во СтрумицаСтрумица, 24 март (МИА) – Фирмата „Жикол“ за еден милион евра помалку од планираното со општинскиот буџет ќе го гради новиот плоштад „Гоце Делчев“ во Струмица.
На распишаниот тендер се јавија шест градежни претпријатија од Македонија и од странство, но понудата на „Жикол“ беше најповолна со финансиска конструкција од околу три милиони евра.
Изградбата на новиот плоштад со комплетната подземна инфраструктура се очекува да почне веднаш по истекот на рокот за жалби, односно во првите денови од април, а да заврши до 11 декември, денот на заштитниците на градот Струмица „Св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици“.
- Изградбата на плоштадот, кој ќе биде еден од најубавите во земјава, ќе биде платен во две годишни рати. Инвестицијата ќе биде поделена наполовина, по 1,5 милиони евра во оваа и наредната буџетска година. При проектирањето на буџетските ставки, за плоштадот планиравме четири милиони евра, по два милиона за 2010 и 2011 година, но најниската понуда на тендерот беше дури за една четвртина поевтина. Покрај основната сума од три милиони евра, планирано е да бидат потрошени уште околу 120.000 евра за надзор, за часовниците на саат-кулата, за набавка и поставување на урбаната опрема и за други позиции, изјави струмичкиот градоначалник Зоран Заев.
Под нивото на плоштадот кој ќе има три влезно-излезни отвори, е проектиран нов паркинг простор за 86 возила, а целосно ќе бидат реконструирани и улиците „Јосиф Јосифовски Свештарот“ (леблибиџиска) и дел од „Благој Мучето“ до зградата на општина Струмица. Плоштадот и целото централно градско подрачје ќе бидат поплочени со најквалитетен гранит.
Со реализацијата на овој проект значително ќе се растовари сообраќајниот метеж во центарот на Струмица, а плоштадот ќе претставува пешачко острово и ќе биде дел од познатото струмичко корзо.
|