ЦГК: Зголемен уделот на поништени тендери во вкупно спроведените Скопје, 21 декември 2010 (МИА) – Од 2008 до 2010 година за 2,5 пати е зголемен уделот на поништени тендери во вкупно спроведените, економските оператори не можат да го остварат правото на увид во документацијата од постапките за јавни набавки во кои учествувале, а тоа го зголемува сомнежот на компаниите за нерегуларности, продолжува намалувањето на конкуренцијата во постапките за јавни набавки, покажува седмиот квартален извештај од мониторингот на јавните набавки што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Според Извештајот, во дури 47,5 отсто од мониторираните тендери во периодот јули - септември, понуди доставиле само една или две компании, а поништени се 22,5 проценти од мониторираните постапки.
Заклучно со септември, со електронска аукција завршиле само 11,6 отсто од објавените огласи за јавни набавки.
Трендот на пораст на договорите склучени без објавување оглас продолжува. Во овој квартал, преку непосредни договори се потрошија 574 милиони денари (9,3 милиони евра), што е за 14 отсто повеќе од истиот период минатата година. Продолжува зачестеното користење на елементот „рок на плаќање“ што ги принудува фирмите да нудат рокови на наплата на фактурите од договорите за јавни набавки и до 300 дена стои во Извештајот.
Дел од договорните органи не го почитуваат новововедениот законски рок за донесување одлука за избор на најповолна понуда, договорните органи нема да успеат да го исполнат законски предвидениот минимум за годинава – за 30 отсто од набавките да спроведат електронска аукција, како ефикасен механизам за заштеда на јавните пари.
Врз основа на овие наоди, како што наведува Центарот за граѓански комуникации, се изработени и препораки за преземање мерки за надминување на детектираните слабости, како и споредбени прикази за начинот на кој две важни прашања од јавните набавки се регулирани во земјите од регионот – правото на увид во документите од јавните набавки и паричните санкции за прекршоците поврзани со јавните набавки.
Седмиот квартален извештај од мониторингот на јавните набавки на централно и на локално ниво во периодот од јули до септември 2010 година е достапен и на интернет страницата на Центарот за граѓански комуникации HYPERLINK "http://www.ccc.org.mk"www.ccc.org.mk.
|