Скопје, 5 ноември 2014 (МИА) - Македонија да се поврзе со што е можно повеќе снабдувачи на енергија од различни извори за да не биде зависна од еден вид енергија и од еден добавувач. На тој начин значително ќе ја подобри својата енергетска безбедност, е главната препорака од конференцијата „Енергетска безбедност во Западен Балкан - политики и предизвици“ што денеска се одржува во Скопје.
За земјите од Западен Балкан и Европската унија, пак, се препорача, да го диверзифицираат увозот на енергенси и да доаѓа од повеќе извори, како и да се зголемат капацитетите за складирање на нафта и природен гас.
- Политичко-воените превирања на истокот во Европа уште еднаш покажаа колку е важно една земја долгорочно и стратешки да ја планира својата енергетска безбедност. Од друга страна, пак, проблемите што ги носат климатските промени, особено се виде тоа на Балканот со опасностите по термоцентралите во Србија од поплавите во мај, покажуваат колку се ургентни овие прашања и колку е важно тие да се решаваат во моментов. Ранливоста на енергетските системи на балканските земји е реален проблем кој бара брза реакција од државните институции и целото општество. Токму целта на денешната конференција е да ја подигне свеста на локално и на регионално ниво за соочување и решавање на предизвиците по енергетската безбедност, рече Соња Зубер од Аналитика на отворањето наконференцијата.
Трудот на истражувачите Андреја Богдановски и Ана Стојиловска од Аналитика насловен „Состојбата со енергетската (не)безбедност во Македонија“ што беше презентиран на конференцијата покажува дека Македонија е ранлива на можни прекини на електрична енергија, бидејќи е застапена многу во миксот на енергија што го користат домаќинствата, но се користи значајно и во индустријата.
- Додека ЕУ е згрижена за природниот гас, Македонија е ранлива на електрична енергија. Тоа го покажа и електроенергетската криза од 2012 година предизвикана од ниските температури кога имаше рестрикција на уличното осветлување. Дури 58 отсто од домаќинствата во Македонија користат електрична енергија за загревање, а секоја година се зголемува и увозот на електрична енергија и можни прекини би биле проблематични за енергетската безбедност на државата, рече Стојиловска.
Таа препорача Македонија да се фокусира на искористување и на другите извори на енергија, поголем увоз на природен гас и искористување на ОИЕ, но и спроведување на мерки за енергетска ефикасност и локални политики за гасификација.
- Секоја година се зголемува увозот на природен гас. Затоа треба Македонија да се поврзе со што е можно повеќе гасоводи и на среден рок да го зголеми искористувањето на гасот преку постостоечкиот гасовод, како и да го зголеми неговиот капацитет. Воедно, Македонија мора да го усогласи поврзувањето со гасоводот Јужен тек со европската легислатива, но да размислува и за приклучување кон Транс-јадранскиот гасовод, рече Стојиловска.
Според неа, клучно за енергетската безбедност на Македонија е да се спроведува „Енергетската стратегија“ и она што е предвидено во неа, како и да се донесе Фондот за енергетска ефикасност, како една од клучните мерки за реализација на проекти од областа на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
- Доколку ја подобриме енергетската ефикасност и го зголемиме процентот на обновливи извори на енергија Македонија ќе ја подобри својата енергетска безбедност, нагласи Стојиловска.
На конференцијата организирана од Фондацијата Конрад Аденауер Скопје во соработка со Аналитика, како дел од програмата „Животна средина, енергија и климатски промени“, учествуваат претставници од академската заедница, граѓанскит сектор, дипломатскиот кор, Регулаторната комисија за енергетика, ЕВН Македонија.