Љубљана, 19 септември 2015 (МИА) - Над илјада бегалци се наоѓаат во меѓуграничниот појас на хрватско-словенечката граница, чекајќи на влез во Словенија на преминот Брегане, јави Фена.
Според неофицијални информации, словенечката полиција во земјата пуштила 10 до 12 автобуси, а за влез на граничниот премин чекаат уште пет автобуси.
Хина јави дека Словенија не ја затворила границата и дека цело време пушта бегалци да влезат на нејзина територија, но дека целиот процес на нивна регистрација се одвива многу бавно, поради што и настанал застој.
Словенечките мнедиуми инфорираат дека во последниве два дена во Словенија влегле околу 1.300 бегалци, од кои најголемиот број се сместени во прифатни центри во Брежице, Постојна и Љубљана. Сепак и покрај напорите за прифаќање и транспорт на бегалците, група од околу 250 имигранти биле забележани во близина на Марибор како се движат кон Австрија.
Зголемениот наплив на имигранти во Словенија последниве денови придонесе за радикализација на словенечката јавност кон бегалците, при што, како што јави Танјуг, се поголем број Словенци се за затворање на границите на земјата. Пред една недела дури 80 отсто од испитаниците во една анкета беа против затворање на словенечката граница за бегалците.