Лондон,26 септември 2016 (МИА) - Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон е еден од најнеодговорните премиери во британската политичка историја- пишува весникот „И“ таблоидско издание на пролибералдемократскиот „Индепендент“ кој престана да излегува, повеќе од шест месеци.
Повод за ваквата дисквалификација на премиерот кој на двапати едно по друго победи на парламентарните избори во 2010 и 2015 година, е појавувањето на две книги, на автори блиски до Камерон.
Во двете книги, а посебно во онаа на Крег Оливер, поранешен директор за комуникации во Даунинг стрит 10, се тврди дека Дејвид Камерон бил „фрустриран од тоа колку млака и плашлива“ била Тереза Меј (како министер за внатрешни работи) во кампањата за референдумот, во настојувањето да се уверат гласачите за останување на земјата во ЕУ.
Весникот објаснува дека договорот на Камерон со германскиот канцелар Ангела Меркел и ЕУ, за спречување на приловот на мигранти од Унијата во Британија, бил само за во вонредни ситуации, што не му даваше за право на поранешниот премиер да верува оти само со тоа ќе може да ги увери Британците да гласаат против Брегзит.
“Камерон делува како човек одделен од реалноста, што е типично за еден поранешен итонец„- тврди весникот „И„ прикажувајќи го доскорешниот премиер како „дрзок, повреден губитник„ чие сегашно незадоволство , насочено кон Меј не може да го спаси од неговата репутација на еден од „најнеодговорните премиери„.
Дејвид Камерон никогаш не беше омилен кај левичарите и левите либерали поради неговото образование- средно училиште во отмениот и скап колеџ во Итон, а потоа во Оксфорд, што е својствено за младите од високата средна класа и за децата од аристократските и богаташките кругови во британското општество.
Тереза Меј уште во текот на кампањата за референдумот беше означувана како „лабав сојузник„ на Камерон, која има амбиции да стане лидер на ториевците и нов премиер- „челична леди„. Таа застана зад Камерон и кампањата за останување во ЕУ, но не се појавуваше на јавни настапи за да заговара против Брегзит.
Опозицијата ја критикуваше дека како шеф на Хоум Офисот цели шест години е виновна за растот на миграцијата и покрај ветувањето за нејзино смалување на новото од пред триесетина години.