Лидерот на партијата „Франција непокорна“, Мануел Бомпард, која е дел од левичарската коалиција „Нов народен фронт“, денеска изјави дека се надева оти коалицијата ќе добие апсолутно мнозинство места во вториот круг, како и дека претседателот Емануел Макрон веќе не е во позиција да повикува на собирање околу себе.
Тој е еден од 32-та пратеници на „Новиот народен фронт“ кои беа реизбрани во првиот круг од вчерашните избори, пренесува „Фигаро“.
Бомпард потврди дека сака да добие апсолутно мнозинство заедно со силите на левицата за „веднаш да ги промени животите на луѓето“ и „да ја спречи партијата Национален собир да ја преземе власта“.
Тој посочи дека претседателот Емануел Макрон не е во позиција да повика на каков било собир, нагласувајќи дека шефот на државата претрпел пораз на овие избори.
„Постои хипотеза за која беше одлучено вчера, а тоа е дека Габриел Атал повеќе нема да биде премиер и дека претседателскиот табор не може да има апсолутно мнозинство. Затоа не мислам дека Макрон е во позиција да повика на собирање околу себе“, рече Бомпард.
Тој додаде дека доколку има апсолутно мнозинство од Новиот народен фронт, ќе биде неопходно да се одлучи за „премиерот кој најдобро може да ја спроведе нивната програма“.