Во услови на зголемено руско мешање и обиди за влијание во Молдавија, Грузија и на Западниот Балкан, проширувањето на ЕУ станува директен предизвик за европската колективна безбедност, порача денеска претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, што се одржува во Брисел.
- Да не се залажуваме, проширувањето сега веќе не е само благородна амбиција, сега, цврсто верувам, дека тоа е геополитичка неопходност. Сепак, за жал, во последнава деценија загубивме повеќе членки, отколку што примивме, рече Мецола.
Според неа, ЕУ не смее да продолжи да го развлекува процесот на проширување и расправата за него да ја префрла од еден на друг самит, со усвојување на заклучоци кои понекогаш имаат 27 или дури 27 плус 3 различни толкувања.
- Ако продолжиме да го направете сето ова, тогаш други ќе се појават за да ја пополнат празнината, порача Мецола.
Говорејќи за односите на ЕУ со САД, Мецола истакна дека никој нема корист од трговските војни, па затоа прв приоритет на Унијата мора да биде нивно избегнување, но таа во исто време е подготвена да одговори на секаков предизвик и ќе зборува од позиција на сила.
- Одделно ние сме мали играчи, но заедно сме сила на која треба да се смета. А тоа не го кажуваме доволно, рече Мецола.
Таа посочи дека САД се едни од најстарите и најсилните сојузници на Европа и меѓусебната трговска размена 1.500 милијарди евра е премногу важна, за да се воведат меѓусебни царини, кои би им наштетиле на компаниите и луѓето од двете страни на Атлантикот.
Според неа, денес живееме во време каде најгласниот глас привлекува најмногу внимание, каде насилството го задушува дијалогот, каде што спектаклот ја победува суштината, каде што се дава предност за изолационизмот, наместо на мултилатерализмот.
- Во овој свет на нетрпеливост, никогаш не била поважна долгата напорна работа на дијалогот, демократија и дипломатијата. За тоа сте неопходни вие амбасадорите, а вашите тимови и делегации. Вие сте лицето и гласот на Европа. Вие ги браните нашите вредности, возвраќате на лажните наративи, се грижите кога зборува Европа да не слушаат, почитуваат и да ни веруваат, истакна Мецола.
Според неа, целта на дипломатијата не е да се надвика најгласниот или по секоја цена да се остваруваат брзи победи, туку, многу често, дури и бавно да се најдат заеднички основи и да се постигнат вистински резултати.
- Кога работиме заедно, сработуваме многу повеќе, изјави Мецола, додавајќи дека иако според Договорот на ЕУ, дипломатијата не директна надлежност на Европарламентот, сепак тој има важна улога во контакти со земјите ширум светот, особено во делот на соработката со националните парламенти.
Мецола истакна дека кого станува збор за нејзината визија за иднината на Европа за наредните години таа може да се сведе на „реалистичен оптимизам“.
- Оптимизам, затоа што Европа има ресурси, вештини и влијание да биде лидер. Ние сме најголемиот единствен пазар во светот и главен трговски партнер на повеќе од 80 земји. Ние сме бастион на човековите права. Но, исто така, и реализам, затоа што лидерството бара храброст, храброст да се предизвикаме себеси, храброста да бидеме првите што ќе кажеме дека направивме грешки и дека работите треба да се направат подобро, рече Мецола.
Таа порача дека граѓаните насекаде низ ЕУ на изборите за членови на Европскиот парламент лани во јуни јасно кажале дека сакаат поголема безбедност, пристап да работни места и домување и во суштина полесен, поправеден и посигурен живот.
- Тоа е тој реализам и таа храброст што не предизвикуваат да размислуваме глобално и да дејствуваме со цел нашите граѓани да бидат задоволни со она што го правиме и за да почувствуваат дека правиме нешто за нив. Сега прашањето од сето ова е едноставно: Ќе водиме или ќе не водат, истакна претседателката на ЕП.
Мецола се осврна и на случувањата во Украина, посочувајќи дека поддршката за земјата е поддршка за алтруизмот и за самоодржувањето, бидејќи ако во војната победи рускиот претседател Владимир Путин, никој нема да биде безбеден, ниту Украина, ниту Европа, па дури ниту САД.
Според неа, ЕУ не се откажува од заложбите за мир, но тој мора да биде искрен и да се заснова на принципот дека не може ништо да се решава за Украина без Украина.
- Но, исто така, мора сериозно да се занимавате и со нашата сопствена одбрана. Русија целата своја економија ја претвори во воена економија и Путин и неговите сојузници не предизвикуваат со различни хибриди закани. Европа сега нема опција, нема време за одлагање во одговорот на распространетата закана. Ова е прашање на итност, додаде Мецола.
Затоа, според неа, потребно е зголемување на одбранбеното производството и на трошоците за одбрана и подобра координација во заштитата на критичната инфраструктура, контролата на границите и зајакнувањето на кибер безбедност.
Мецола порача и дека ЕУ мора да преземе по стратешки пристап кон Индо-пацификот и за зајакнување на партнерствата со земјите од регионот во повеќе сфери, од безбедноста, преку технологијата, па до климата.
Таа се осврна и на состојбите на Блискиот Исток, нагласувајќи дека постигнувањето на договорите за ослободување на заложниците и за прекин на огнот претставува напредок, но се уште има многу предизвици за остварување на траен мир.
- Решението за двете држави, колку и да е тешко остварливо, е единствен начин за гарантирање на безбедноста на Израел и за перспективите на палестинскиот народ. Европа мора да биде повеќе од гледач во тој процес. Ние всушност мораме да бидеме катализатор на помошта за создавање услови тоа (решение) да стане реалност за долгорочен одржлив мир и стабилност, додаде Мецола.
Според неа, ЕУ конечно треба да престане да ја третира Африка како проблем, туку како рамноправен партнер, затоа што 12 од 21-та растечките економии во светот се од африканскиот континент и додека Европа дебатира за потребите за инвестирање, други веќе инвестираат таму.
Таа додаде и дека истото важи и за Латинска Америка, со која ЕУ мора да ги зајакнува трговските односи и соработката со земјите со кои споделува исти вредности и за одбрана на демократијата онаму каде што е загрозена.
- Кога станува збор за темата „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, кога светот гледа кон Европа, мора да биде во позиција да види лидерство кое испорачува мир, безбедност и просперитет. Но, тоа можеме да постигнеме само ако работиме заедно, заклучи Мецола.