Украина и е благодарна на Европската Унија за нејзината силна поддршка од самиот почеток на војната и во текот на целиот овој период, како и во текот на минатата недела, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски пред почетокот на денешниот специјален Самит на ЕУ посветен на поддршката на Украина и одбраната на Европа, на кој е поканет како гостин.

- Вие останавте со нас. Многу сме ви благодарни што не сме сами. И тоа не се само зборови. Ние го чувствуваме тоа, рече Зеленски придружуван од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според Зеленски, од исклучителна важност е што ЕУ испрати „силен сигнал“ до украинскиот народ, до борците, до цивилите и до сите украински семејства дека не се сами.
- Го чувствуваме и го знаеме тоа. Тоа е сигнал за зголемување на нашето (одбранбено) производство и за зајакнување на нашата безбедност. Тоа се важни одлуки, додаде Зеленски.