Група австралиски астрономи тврдат дека Божик би требало да се слави во јуни затоа што пресметале дека токму во тој месец се појавила Витлеемската ѕвезда која, како што пишува во Библијата, ја следеле тројцата мудреци за да дојдат до местото на кое е роден Исус Христос.
Ако оваа теорија се покаже како точна, тоа би значело дека Исус се родил во знакот на Близнаци. Истражувачите тврдат дека Витлеемската ѕвезда е всушност величествено спојување на двете најсветли планети - Јупитер и Венера.
Австралискиот астроном Дејв Риники користел сложен компјутерски софтвер за да ја утврди точната позиција на небеските тела и да направи мапа на ноќното небо над Светата земја пред повеќе од 2000 години.
За време на истражувањето тој открил дека во времето на раѓањето на Исус се случил спектакуларен астрономски настан. Риники смета дека мудреците веројатно го протолкувале како знакот на кој што чекале и тргнале по „ѕвездата водилка“ до родното место на Исус во Витлаем, како што е опишано во Библијата.
Користејќи го Евангелието по Матеј како појдовна референца, Риники утврдил дека спојувањето на планетите кое се појавило во соѕвездието на Лавот се случило точно на 17 јуни две години пред нашата ера.
Австралискиот астроном, кој е и уредник на списанието „Скај енд Спејс“ изјави дека денес постои компјутерски софтвер кој може да ни покаже како точно изгледало небото во било кој момент во последните неколку илјади години.
- Го користевме тој софтвер за да се вратиме во времето на раѓањето на Исус следејќи ги написите дадени од Библијата, изјави тој.
- Венера и Јупитер многу се доближиле една до друга во втората година пред нашата ера создавајќи силен светлосен отсјај на небото. Тоа најверојатно била светлоста која тројцата мудреци ја протолкувале како знак. Астрономијата е исклучително прецизна наука, изјави австралискиот истражувач и додаде дека неговата намера не била да ја нападне верата.
- Често пати кога доаѓа до мешање на науката и религијата тоа може да ги збуни луѓето. Во овој случај мислам дека ова откритие ќе ја зајакне верата на луѓето, рече тој.
Според некои претходни теории, Витлеемската ѕвезда се објаснуваше како супернова (ѕвездена експлозија) или комета.