„Тајмс“: Руската државна компанија „Гаспром“ на работ од целосен крах Лондон, 21 јануари (МИА) - Руската државна компанија „Гаспром“ се наоѓа на работ од целосен крах, предизвикан со големиот и забрзан пад на цените на природниот гас на светскиот пазар, пишува „Тајмс“.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, оваа компанија под контролата на Владата во Москва, според весникот е „неофицијален банкар“ на Кремљ, но таа во следните неколку години ќе има проблеми на Русија да продолжи да и обезбедува ефтино гориво, да продава што е можно повеќе гас на Европската Унија и во истовреме да го зголемува својот профит како што тоа му се случуваше изминатиот период.
Русија после пет години забрзано и масовно полнење на својот државен буџет со парите од доскоро скапите нафта и гас, оваа година очекува дефицит. Поради тоа Владата во Москва веќе мораше да посегне по државните резерви, за да ја спасува рубљата која се најде на работ од девалвација, како и за да им помогне на финансиските организации.
Лондонскиот весник предвидува дека економската и финансиската криза може да предизвика изливи на незадоволство, на досега скапо платените и богати државни службеници во Москва и Сенкт Петерсбург, кои инаку се лојални на премиерот Путин.
Во Лондон се забележува дека најновата енергетска криза со која се соочи Европа изминатите неколку недели, оставјаќи без гас за греење и за индустријата повеќето од земјите во ЕУ и на Балканот, „целосно го уништи угледот на Русија и Украина како снабдувачи со енергетски суровини“.
|