Москва, 19 септември (МИА) - Русија нема да го постави системот на тактички проектили „Искандер“ во најзападната руска област Калининград, како одговор на одлуката на САД да се откажат од плановите за поставување противракетен штит во Источна Европа, изјави рускиот заменик-министер за одбрана Владимир Поповкин.
Коментирајќи ја одлуката на Америка, тој за руското радио Ехото на Москва, рече дека разумот ги надвладеал амбициите.
- Упорно им зборувавме на Американците дека опасноста за која тие говорат е потенцијална, а не моментално постоечка, истакна Поповкин.
Американскиот претседател Барак Обама завчера соопшти дека САД се откажуваат од првобитно најавените планови за изградба на противракетен штит во Чешка и Полска и најави дека новиот одбранбен ракетен систем на САД во Европа ќе овозможи посилна и побрза заштита на американските сили и нивните сојузници.