Даблин, 2 октомври (МИА) - Гласачите во Република Ирска денеска гласаат на референдум за Лисабонскиот договор на Европската Унија, јави Би-Би-Си на македонски јазик.
Спогодбата треба темелно да ја реформира Унијата, создавајќи поцврста економска и политичка архитектура. Но, многумина во Европа на него гледаат како на узурпација на суверенитетот на националните држави кои се дел од нејзината структура.
Во Чешката република на пример, на почетокот од неделава имаше иницијатива пред Уставниот суд за да се преиспита дали Лисабон може да создаде Европска супер држава, со што би му противречел на чешкиот Устав.
Лисабонскиот договор содржи серија мерки дизајнирани за да ја направат Унијата поефикасна и поблиска до граѓаните на 27-те земји членки. Тоа е всушност планот за тоа како Европската Унија да се развива следниве децении. Но, ништо од ова не може да се случи се додека секоја од земјите членки не ја усвои спогодбата.
Ирските гласачи во јуни минатата година веќе ја одбија истава оваа спогодба кога над 53 проценти од ирските граѓани му рекоа „не“ на договорот. Владата во Даблин се надева дека овој пат исходот од вториот референдум ќе биде поинаков. Сите главни партии во Ирска водат кампања „за“ Лисабон, не само националистичката партија Шин Фејн.
Документот кој сега се става на гласање е во основа истиот од лани, но во меѓувреме се менија две битни работи.
Брисел даде специјални гаранции за некои прашања за кои Ирците лани беа загрижени - земјата нема да биде принудена да го легализира абортусот, ниту да ја загуби контролата врз собирањето даноци и нема да и биде загрозена неутралноста.
Но, се смени уште нешто.
Оние кои овој пат се надеваат дека договорот ќе помине посочуваат и на ударите кои минатава година ги претрпе ирската економија. Тие се сигурни дека економското опаѓање ќе ги убеди сомничавите дека Ирска треба да биде ентузијастичен член на еден силен трговски блок.
Сондажите покажуваат дека договорот веројатно ќе помине на овој референдум.