Берн, 29 ноември (МИА) - Изградбата на нови минариња во Швајцарија најверојатно ќе биде забранета, покажуваат прелиминарните резултати од денешниот референдум во земјата.
Швајцарската телевизија соопшти еден час по гласањето, кое заврши на пладне, дека првите проценки покажуваат дека за забраната се изјасниле 59 отсто од гласачите.
Оваа граѓанска иницијатива ја покрена популистичката партија на екстремната десница Демократска унија на центарот (УДЦ), во име на „запирање на исламизацијата“ на Швајцарија и одбрана на нејзиниот христијански идентитет.
Во Швајцарија живеат меѓу 350.000 до 400.000 муслимани кои сочинуваат околу пет отсто од вкупниот број од 7,5 милиони жители.
Во земјата има 200 исламски храмови и само четири минариња, од кои ниту еден не стрчи меѓу останатите згради, ниту служи за повик за молитва.