Забранета изградбата на најголемата џамија во Европа во близина до олимписките објекти во Лондон Лондон, 18 јануари (МИА) - Најголемата џамија во Европа, што требаше да се гради во близина на новите објекти за Олимпијадата во Лондон, нема да се гради.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, покренувачот на иницијативата за изградбата на „мега џамија“ во британскиот главен град, исламистичката секта Таблиги Џамаат, ги запре подготовките и изработката на плановите, а групата е протерана од локацијата, што според локалните власти била илегално запоседната.
На локацијата во источниот дел на Лондон, што од сектата беше прогласено како „привремена џамија“, Таблиги Џамаат планираше да се изгради сосема нов објект, доволно простран за да во него се оддржи богослужба за 12.000 луѓе.
Муслиманскиот совет во Велика Британија изрази жалење поради ваквата разврска, тврдејќи дека проектот е жртва на „неосновано распалената хистерија и непријателството“ во домашната јавност.
Муслиманската организација „Мунхаџ-ул-Куран“, која настапува како советник на британската Влада во борбата со исламскиот екстремизам, во своето соопштение објасни дека изградбата на новата џамија „не е дело на група која има врски со екстремизмот“.
Британски разузнавачки експерти, сепак, предупредуваат на стравувањата што постојат во безбедносните кругови дека оваа секта, која заговара „стриктна интерпретација на исламот“, се користи од Ал Каеда како покритие за нејзината екстремистичка мреза.
Откажувањето од изградбата на една волку голема џамија во Лондон, доаѓа по објавувањето на документот на „Мунхаџ-ул-Куран“ во кој се осудува тероризмот. Во документот од 600 страници се објаснува дека нападите на бомбашите самоубијци и тероризмот се спротивни на исламот.
Преку 40.000 луѓе се потпишаа на протесната петиција до локалните власти во Источен Лондон, барајќи да не се дозвли изградба на џамија во тој дел од градот и непосредно до олимписките објекти.
|