Москва, 7 јули 2010 (МИА) - Русија сака да размени научник, кој излежува пресуда по обвинение за шпионажа во полза на Западот, за еден од осомничените руски агенти за шпионажа, приведени во САД, изјави денеска адвокатката на научникот.
Игор Сутјагин - експерт за нуклеарно оружје, беше осуден од руски суд на 15 години затвор во 2004 година, по обвинение за пренесување класифицирана воена информација на британска фирма, која според обвинителството, била параван на ЦИА.
- Тие сакаат да го разменат Сутјагин за еден од обвинетите за шпионажа во полза на САД. Настојуваат размената да се случи утре, изјави адвокатот Ана Ставицкаја. Таа кажа дека научникот прво ќе биде испратен во Велика Британија и оти не знае кога точно ќе биде разменет.
ФБИ минатиот месец уапси десет лица, осомничени за шпионажа во полза на Русија. Многу од приведените имале фалсификувани документи за идентификација и биле дел од мрежата, која собирала доверливи информации, проникнувајќи во политичките кругови во САД.