Брисел, 30 септември 2010 (МИА) - Директорот на Европол, Роберт Вејнрајт денеска изјави дека терористичките ќелии и понатаму активно планираат напади ширум Европа.
Тој на конференцијата за безбедност во Брисел нагласи дека разузнавачките служби осуетиле големи завери, но оти заканата и понатаму е присутна.
На Конференцијата експертите предупредија дека заканите за терористички напади доаѓаат од африканските држави.
Генералниот секретар на Интерпол, Роналд Нобл посочи дека зголемената трговија со наркотици предизвикала поголемо насилство и нестабилност.
Повеќе од една четвртина од кокаинот се шверцува преку земјите на Африка и на Јужна Америка.
Предупредувањата уследија откако американските и европските разузнавачки и полициски служби соопштија дека откриле еден од најсериозните планови за напад на терористичката мрежа Ал Каеда во последните години. Мета на нападите биле градовите во Велика Британија, во Франција, во Германија, а можеби и во САД.