Берлин, 28 ноември 2013 (МИА) - Германскиот канцелар Ангела Меркел изјави дека европските врски и партнерството на руските соседи со ЕУ не е никаква закана за Русија.
Според Меркел, конечно треба да се надмине менталитетот, како на Западот, така и на истокот од Европа и сите да се согласат дека времето на Студената војна е минато.
Германскиот канцелар смета дека соработката на ЕУ со земјите од Источното партнерство, сите поранешни советски републики е шанса за да се надминат последиците од тоа време.
Изјавата на Меркел е реакција на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин кој за време на својот престој во Рим призна дека Москва се противи на еден договор меѓу Киев и Брисел.
Путин верува дека договорот на Украина со ЕУ, за асоцијација и за слободна трговија, е „закана за Русија“ и за нејзината економија.
Во Вилнус, главниот град на Литванија се одржува заеднички самит на ЕУ и на земјите од Источното партнерство (Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Украина) но тој остана во сенка на решението на украинската Влада, во последен момент, да се откаже од потпишувањето на договорот, што Брисел го означуваше како „историски момент“ за Украина и за Европа. Украинскиот претседател Виктор Јанукович објасни дека еден таков договор треба да се потпише тогаш кога неговата земја ќе биде економски подготвена за тоа.
Јанукович вели дека се потребни дури 20 милијарди долари годишно за да може земјата ги достигне стандардите на ЕУ.
Европски политички експерти тврдат дека Киев во последен момент се откажа од потпишувањето на договорот, поради силниот притисок од Русија и заканите што Москва и ги испрати на Украина, околу можноста со економски контра мерки.
Русија настојува да ја убеди Украина, наместо со ЕУ да пристапи на планираната царинска унија во која покрај Русија би се нашле и Украина, Белорусија и Казахстан.