Кај три лица на возраст од 16 до 20 години е утврдена одговорност за случајот во средното училиште „Арсени Јовков“. Се товарат за предизвикување општа опасност и по целосното заокружување на истрагата, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Како што соопшти денеска портпаролот на МВР Иво Котевски, две од лицата се ученици во „Арсени Јовков“, а едно минатата година завршило во ова училиште.
- Се уште се работи на целосно документирање на случајот. Според досегашните сознанија, трите лица дошле до т.н. пепер спреј со кој најпрво се прскале меѓу себе, а потоа го употребувале и во ходниците и просториите на училиштето, рече Котевски.
МВР, додаде, останува на располагање за какви било сугестии или препораки во насока на зголемување на безбедноста на учениците.
- Сме реализирале досега бројни проекти за превенција, а подготвени сме и во иднина да делуваме превентивно, да ги анализираме состојбите и да излегуваме со наши предлози или активности за поголема безбедност на учениците, истакна Котевски, додавајќи дека во конкретниот случај со „Арсени Јовков“ станува збор за инцидент кој не е предизвикан од некаков посериозен, подлабок проблем.