Телеграмата што новиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, избран од редовите на СДСМ, вчера ја испратил до сите сектори во МВР, доцна синоќа ја разбранува јавноста.
„Како министер за внатрешни работи избран со Одлуката за избор на членови на Владата на Република Македонија, врз основа на законските овластувања, информирам дека сите пренесени овластувања од министрите за внатрешни работи кои раководеле со МВР до денот на донесување на наведената Одлука за избор на членови на Владата на РМ, престануваат да важат“, се вели во телеграмата што ја испратил новиот министер.
Информацијата први ја објавија провладини медиуми, под наслови „Хаос во МВР“, „Нарушен безбедносниот систем на земјата“, „Полицијата парализирана“, а меѓу првите реагираше бившата министерка Гордана Јанкулоска, која на Твитер предупреди: „Функциите на државата се доведени во прашање!“
Безбедносни експерти и поранешни функционери во МВР, велат дека немаат доволно информации за да ја коментираат одлуката, но прва претпоставка е дека министерот сака да превенира натамошна партиска злоупотреба на ресорот.
„Секако, ова не значи дека секторите ќе останат без овластувања. Тие ќе продолжат со работата во делокругот на нивните досегашни активности. Најверојатно, целта е да бидат преиспитани дел од раководните функции на тие сектори кои и натаму се 'диригирани' директно од еден партиски штаб. Дел раководни функции веројатно ќе бидат потврдени, дел можеби не. Премиерот Груевски лично изјави дека добро е што министрите на СДСМ се партиски а не експертски кадри, за да си преземат целосна политичка одговорност за нивното учество во Владата. Ако мора да преземат комплетна политичка одговорност, а не да бидат само технички лица со ингеренции на 'англиска кралица', тогаш тие имаат право да одлучуваат за се во ресорите со кои раководат, но и да сносат одговорност по прашањето дали преземале добри или лоши потези“, вели поранешен функционер во МВР.
Според безбедносен експерт, „фактот што службената телеграма на министерот експресно 'се нашла' во провладини медиуми, доволно јасно зборува зошто во МВР нештата мора да се стават во професионален колосек, а не да се остават во колосекот на една партија и нејзините медиумски мегафони. Притоа, мора да се внимава на прво место да останат професионалните стандарди“, укажува тој.
Внатрешни опструкции во МВРСо оглед дека информацијата беше објавена пред полноќ, јавноста речиси и не е запозната со содржината и мотивите на министерската телеграма. Само неколку часа претходно, поради вербални меѓупартиски пресметки, главно прашање беше дали преодната влада ќе покаже доволно ниво на кохезија за ги реализира обврските од Договорот од Пржино. Универзитетската професорка Мирјана Малеска е оптимист, без оглед што првичните сигнали се контрадикторни.
„Од една страна имаме ракување на премиерот со министрите на опозицијата, а од друга, сликовито кажано, 'се острат ножеви'. Најважното министерство врз кое се потпира секоја авторитарна власт - МВР, под принуда и е одземено на власта и предадено во рацете на опозицијата! Можете само да замислите со какви се внатрешни опструкции ќе се соочи новиот министер и не знаеме како ќе реагира на тоа. Од политичката волја на парламентарните партии зависи како ќе функционираат и другите инструменти на 'поделба и контрола' на власта, а се плашам дека таа политичка волја не е многу силна. Организирање на чесни избори, што е една од главните задачи, подразбира дека оние што ја злоупотребиле власта во минатото, а седат во Владата, не се квалификуваат за изборен натпревар. Тоа треба во кус рок да го утврди специјалниот јавен обвинител. Се плашам дека е тоа претежок товар на плеќите на една институција, која со самото формирање си создаде многу непријатели! На вагата на шансите за успех или неуспех во процесот за излез од кризата, треба да се додаде и тежината на ЕУ и САД кои учествуваа во Договорот и презедоа обврска да го гарантираат неговото спроведување. Ако се направи аналогија со спроведувањето на Охридскиот договор, кој го гарантираше 'меѓународната заедница', тогаш би можеле да бидеме малку поголеми оптимисти отколку песимисти“, заклучува Малеска.
Репродуцирање на критикуванотоДел од аналитичарите имаат забелешки за првичните симптоми што ги рефлектираат учесниците во преодната влада. Марко Трошановски претседател на Институтот за Демократија „Социетас Цивилис“, вели дека „она што 'новите опозицски кадри во владата' моментално го прават во своите јавни настапи, е само репродукција на политичкиот маркетиншки настап на Владата, која ревносно ја критикуваа.
„Тој би бил и оправдан да бевме на прагот на изборите. Но оваа влада сега не треба да е политичка, туку техничка, барем во смисла на компетентни лица кои ќе овозможат функционални институции и владеење на правото. На политичкиот систем во блокада, најмалку му требаат пораки за дневно-политичка пресметка и предизборна реторика. Напротив, треба постојано да се лоцираат системските јазли, јавно и гласно да се укаже на нив и истите да се отплеткаат за да се овозможи проток на нормални, демократски политички процеси што ќе не доведат до избори, но и лоцирање на одговорноста за оваа криза. Toa е мандатот кој оваа влада треба да го исполни, иако ние не и го дадовме“, дециден е Трошановски.
Целта е демократски и фер избориА токму такви ветувања вчера дадоа лидерот на СДСМ, Зоран Заев и заменик-претседателката Радмила Шекеринска, на средбата со специјалниот претставник на Германија за Западен Балкан, Ернст Рајхел.
„Фокусирани сме на реализација на договореното во Пржино. Очекувањата на граѓаните се фер и демократски избори и ние одлучно работиме кон таа цел од која нема да отстапиме“, рекол Заев. Како што соопшти СДСМ, заеднички било констатирано дека не се дозволиви доцнења и одложувања на обврските од Договорот и дека клучен предуслов за фер и демократски избори е доследно спроведување на Договорот. На средбата се разговарало за потребата од доверлив Избирачки список, за брзо затворање на прашањето за медиумите кои во најголем дел се под контрола на власта, како и за потребата да се обезбедат сите услови за почеток на работата на специјалната јавна обвинителка.
Нема бегање од реформитеГлавното прашање во актуалниот момент, е - можни ли се заеднички резултати во услови на остра реторика и натамошно форсирање култура на длабока поделеност?
„Очекувана е политичката реторика употребена од страна на партиите во новата влада, бидејќи партиите на власт се разочарани поради фактот што СДСМ е дел од владината коалиција, и тоа како резултат на притисокот од објавувањето на 'бомбите'“, вели аналитичарот Сефер Тахири.
„И во иднина ќе има препукување помеѓу двете најголеми македонски партии, но под притисок на меѓународниот фактор сметам дека ќе ги реализираат реформите на оптимален начин. И покрај дијаметрално спротивставените ставови, двете партии се свесни дека мора да ги спроведат реформите и да ги департизираат институтциите, бидејќи државата има проблеми во функционирањето. Еден од најголемите е оној што се истакнува и во меѓународните извештаи: нераздвојувањето на државата од партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии треба да спроведат реформи, за конечно да имаме регуларни избори, бидејќи 'бомбите' покажаа дека тие биле многу манипулирани. Очекувам соработка во однос на изборниот процес, но и во сферата на медиумите, бидејќи веќе е јасно дека ништо нема да биде како порано“, укажува Тахири.