Скопје, 11 мај 2016 (МИА) - Партијата Народно движење за Македонија (НДМ) на Јанко Бачев попладнево поднесе кандидатски листи за предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни. До 15 часот, според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), единствено НДМ поднесе листи за предвремените избори.
Во ДИК ги разгледуваат листите поднесени од Бачев.
Претходно денеска од ДУИ и СДСМ информираа дека нема да поднесат кандидатски листи, од ВМРО-ДПМНЕ и ДПА немаше информација дали и кога ќе поднесат листи.
Според Роковникот за извршување на изборни дејствија за предвремените парламентарни избори на 5 јуни, вечер на полноќ истекува рокот за поднесување листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија.
Откако ќе ги добие листите, ДИК има 48 часа за да утврди дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.