Скопје, 30 ноември 2016 (МИА) - Лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа за пратеници во Четвртата изборна единица Зоран Заев денеска од гевгелиското село Богородица најави дека по изборите доколку дојдат на власт ќе го решат проблемот со водоснабдувањето во првите шест месеци од новата влада.
- Сакам исто така овде, од овој земјоделски крај, уште еднаш да испратам порака до сите земјоделци. 160 милиони евра ќе бидат годишно субвенциите, тоа се 640 милиони евра за четиригодишен мандат, но ќе бидат навремени, тогаш кога им требаат на земјоделците и ќе стигнат во рацете на вистинските земјоделци, рече Заев.
Тој додаде дека нивната цел ќе биде парите да останат кај земјоделците и оти ќе создадат амбиент луѓето да останат да живеат на село.
- Покрај целиот овој сет на мерки како што е укинувањето на персоналниот данок за земјоделството, воведувањето на зелената нафта којашто е 50 отсто поевтина за користењето на земјоделските потреби и сите оние мерки кои значат подобрување на животот на село, овде од Богородица испраќам порака дека ќе создадеме амбиент, луѓето да останат и да живеат на село, односно ќе ја воведеме социјална пензија, граѓаните со наполнети 65 години старост да добијат пензија без разлика дали имаат стаж работен или не, рече Заев.