Се уште е активен пожарот во зградата во скопската населба Чаир, кој избувна вчера. Во моментов на терен се три противпожарни возила од Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од ЦУК потсетуваат дека вчера, од 1:50 часот, пожарот во Чаир го гаснеле 20 пожарникари со седум противпожарни возила поради запален магацин на улица „Прохор Пчињски“ бр.136 во подрумски дел на зградата.
- Пожарот е проширен и на станбена зграда, на приземните дуќани, а имаше многу густ црн чад, поради што евакуирани се повеќе од жителите на зградата. Од Итната медицинска помош во 14:25 часот известиле дека имаат дадено прва медицинска помош на 10 деца, 21 возрасен, еден пожарникар и една бремена жена. Дополнително како помош на БППЗ на Град Скопје пристигнало специјално противпожарно возило на АРСМ, се вели во соопштението од ЦУК.